Македонија

ААВМУ: Пет нови категории во листата на настани од големо значење за јавноста

12.05.2026 17:40

Пет нови категории во листата на настани од големо значење за јавноста во земјава – Агенцијата за медиуми едногласно ја усвои Нацрт-одлуката. Утврдени критериумите за квалификуваните радио-дифузери кои можат да ги емитуваат. Во образложенијата наведени културната и идентитетската важност. Во наредните 30 дена јавна расправа со можност за предлози пред изработката на финалниот текст.

Зимски и летни олимписки игри, зимски и летни параолимписки игри, олимпијада за глуви лица, натпревари од светското и европското првенство во атлетика, натпревари во рамките на УЕФА Лига на нации и УЕФА Конференциска лига во машка конкуренција – Агенцијата за аудио и аудио-визуелни и медиумски услуги воведе пет нови категории настани во Нацрт-одлуката за утврдување листа на настани од големо значење за јавноста на земјава.

Во потесниот круг влегуваат и квалификациските натпревари што машката македонска фудбалска репрезентација ги игра за пласман на Светското и Европското првенство во фудбал, како и натпреварите на репрезентацијата во рамките на УЕФА Лигата на нации, дома или во странство. Опфатот на настани се движи од отворањето на првенствата, преку натпреварите во групната и елиминациската фаза, до полуфиналните и финалните дуели. Ова генерално важи и за Лигата на шампионите, за Лигата на Европа и за Конференциската лига, а особено за натпреварите во кои учествуваат клубови од Македонија. Вметнати се и пријателските натпревари.

За да се заштити правото на пристап на јавноста до настаните од големо значење и да се оневозможи некој радиодифузер, со добивањето исклучиво право за емитување на настанот да лиши значителен дел од населението од можноста да го следи настанот, Агенцијата утврдува дека квалификувани радиодифузери за емитување на овие настани се сите радиодифузери што ги исполнуваат следните четири критериуми:

  • Со својот сигнал да покриваат најмалку 80 проценти од населението на Република Северна Македонија;
  • Пристапот до нивниот програмски сервис да биде слободен, што значи дека се емитува преку преносен капацитет на дигитален терестријален мултиплекс и за него се плаќа дополнителен надомест;
  • Програмскиот сервис да го емитуваат во некодирана форма;
  • Настаните од големо значење да ги емитуваат на македонски јазик.

Во нацрт-одлуката се наведува дека доколку квалификуваните радиодифузери имаат технички можности, комерцијален интерес и ако според дозволата или според законот, како што е случајот на јавниот радиодифузен сервис, програмскиот сервис го емитуваат на повеќе јазици, можат овие настани покрај на македонски, да го емитуваат и на други јазици на етничките заедници што живеат во земјава.

„Квалификуваните радиодифузери не смеат да ги користат ексклузивните права за емитување настани од големо значење за општеството на начин со кој публиката во други држави ќе биде оневозможена да го следи настанот што таа земја го пријавила како настан од големо значење“, велат од ААВМУ.

Меѓу образложенијата за големо значење се настанот и исходот да имаат голем одглас кај населението, како и да има културна и идентитетска важност. Европско и светско првенство во кошарка за мажи, како и ракометни и одбојкарски првенства за мажи и за жени се потенцирани како настани од големо значење. Нацрт-одлуката едногласно беше усвоена на седницата на Советот на агенцијата. Во наредните 30 дена оди на јавна расправа на којашто ќе може да се доставуваат предлози за финалниот текст.

Андријана Ѓурческа