Обвинителство

Запрена постапката за набавките на мазут за ТЕЦ- Неготино

12.05.2026 16:31

Ексдиректорот на ЕСМ Ковачевски, бизнисмените Јахоски и Капушевски куртулија од прогон. Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ја запре постапката за набавките на мазут за ТЕЦ-Неготино. Немало докази.

Компанијата РКМ на Ратко Капушевски била единствената која можела да испорача големи количества мазут за потребите на ТЕЦ-Неготино во време кога Владата имала одлука за енергетска кризна состојба и во целост ги исполнила условите барани во јавната постапка.

По едногодишна детална истрага, прекината е истрагата за случајот. Од над 200 анализирани докази произлегува дека само компанијата РКМ ја имала потребната лиценца и дека мазутот наменет за централата не бил продаван на црно. Според исказите на вработените во ЕСМ и ТЕЦ-Неготино на овој начин државата не претрпела штета туку корист, бидејќи во спротивно ќе се вовеле рестрикции за струја за домаќинствата.

„Целиот мазут кој бил внесен во ТЕЦ-Неготино бил потрошен, бидејќи го има во работните листови од производствениот процес кои секојдневно ги пополнувале вработените во ТЕЦ-Неготино. Тоа се јавно достапни информации, ги има и во МЕПСО. И самите вработени во АД ЕСМ и во електраната кажаа дека биле надминати поголема проблеми, бидејќи не само што немало никаква штета, туку сме имале корист“, велат од Обвинителството.

Од ВМРО-ДПМНЕ го повикаа шефот на ОЈО ГОКК Абази да си поднесе оставка, бидејќи според партијата тој одработувал за Филипче, Заев, Ахмети. Абази тврди дека никогаш не влијаел каква одлука ќе донесат обвинителите.

„На ниеден обвинител не сум сугерирал, ниту сум загрозил одлука, впрочем врз јавните обвинители не сум правел никаков притисок за да донесат одлука“, вели Абази.

Обвинителството ги доби и хемиските анализи за составот на мазутот. Мострите биле вештачени во акредитирана лабораторија во Србија, бидејќи во Македонија нема таква. Сега обвинителите чекаат експерти од Македонија да ги прочитаат резултатите за да ја затворат и истрагата за токсичниот мазут.

Во фокусот на истрагата беше компанијата „РКМ“ и нејзините сопственици Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски. Меѓу осомничените беше и Асмир Јахоски, поранешниот директор на РЕК, Васко Ковачевски кој е во бегство. Се товареа за три кривични дела и криминал тежок 167 милиони евра. Со истрагата вкупно беа опфатени 13 лица и едно правно лице.

Викторија Милевска