Трамп во Пекинг на разговори со Џјинпинг
Трамп изјави дека главен фокус се економските договори, но потврди дека ќе разговара и за Иран, минимизирајќи ја потребата од кинеска помош.

Американскиот претседател Трамп во посета на Пекинг на разговори со кинескиот колега Џјинпинг. Вашингтон очекува продолжување на трговското примирје и намалување на тензиите околу царините и извозните ограничувања, додека на агендата се и Тајван и глобалната безбедност. Трамп изјави дека главен фокус се економските договори, но потврди дека ќе разговара и за Иран, минимизирајќи ја потребата од кинеска помош.
„Не мислам дека ни треба помош со Иран. Ќе победиме на еден или друг начин“, изјави американскиот претседател, Доналд Трамп.
Посетата се случува во период на зголемени тензии поради војната во Иран и нарушувањата во Ормускиот теснец, што влијае врз глобалните пазари и цената на енергијата. Кина е главен увозник на иранска нафта. Американскиот министер за одбрана Хегсет изјави дека прекинот на огнот со Иран останува во сила додека САД го контролираат теснецот.
„Знаеме дека прекинот на огнот е во сила и дека Иран нема да има нуклеарно оружје — на еден или друг начин. Подготвени сме за сите опции за да се постигне таа цел. САД де факто го контролираат Ормускиот теснец, и ништо нема да помине без наша дозвола“, нагласи Пит Хегсет, секретар за одбрана на САД.
Тензиите меѓу Вашингтон и Техеран остануваат високи, со размена на пораки околу нуклеарната програма и можни нови воени дејствија. Војната против Иран досега ги чини САД 29 милијарди долари.
