Евроинтеграции

Сали: Реформската агенда клучен инструмент за институционална трансформација и напредок на интегративниот процес

14.05.2026 20:47

Состанокот се одржал во рамки на регионалниот проект „Monitoring Reforms and Growth in the Western Balkans“, со учество на претставници на институции, граѓански организации, академската заедница, меѓународни партнери и експерти од повеќе области.

Напредокот во спроведувањето на Реформската агенда 2024–2027 и нејзините ефекти врз граѓаните и институциите биле во фокусот на Третиот состанок на Националниот консултативен механизам, организиран од European Policy Institute - Skopje (EPI) и Министерството за европски прашања.

Состанокот се одржал во рамки на регионалниот проект „Monitoring Reforms and Growth in the Western Balkans“, со учество на претставници на институции, граѓански организации, академската заедница, меѓународни партнери и експерти од повеќе области.

Министерот Беким Сали ја истакнал важноста на Реформската агенда како клучен инструмент за институционална трансформација и напредок на европскиот интегративен процес на државата. Тој посочил дека Северна Македонија била првата земја во регионот што ја финализирала Реформската агенда и ги потпишала договорите во рамки на Reform and Growth Facility, со што ги исполнила условите за исплата на предфинансирањето.

На состанокот било нагласено дека досегашниот фокус бил ставен на исполнување на обврските и реформските чекори, а во наредниот период акцентот ќе биде ставен и на конкретните придобивки што реформите ги носат за граѓаните и институциите.

Во рамки на агендата биле организирани тематски дискусии за енергетската транзиција и дигиталната трансформација, развојот на приватниот сектор и деловното опкружување, човечкиот капитал, како и владеењето на правото и доброто управување.

Учесниците ги разгледале и наодите од пилот-мониторингот на Реформската агенда, при што бил презентиран досегашниот напредок во спроведувањето на реформите. Од состанокот била испратена порака дека европскиот пат бара резултати, одговорност и долгорочна визија.