33-годишен битолчанец со нож ја убил неговата 31-годишна сопруга
Битолската јавност згрозена заради уште еден фемицид. Маж уби жена на спиење. Тој ја усмртил мајката на нивните четири малолетни деца откако поради несогласувања скоро една година живееле одвоени…

Маж уби 31-годишна жена во Битола. Убиството го сторил нејзиниот поранешен сопруг во раните утрински часови додека мајката на неговите деца спиела. По чинот на усмртување со остар предмет пошол во полиција и самиот се предал.
„Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Битола изврши увид на местото каде што жената била лишена од живот. Издадена е наредба за обдукција на починатата, а од лице место се подигнати траги и материјални докази кои ќе бидат предмет на вештачење. За натамошниот тек на постапката против осомничениот обвинителството ќе ја информира јавноста“, велат од ОЈО Битола.
Роднини и соседи на жртвата во шок и неверување велат дека таа била пријатна личност и добра мајка. Со сопругот имале несогласувања па затоа последната година живееле одвоени. Неофицијално, таа барала помош и од надлежните служби.
Убиената жена живеела со својот татко кој не бил дома за време на несреќниот настан.
Жртвата е единствено дете на родителите, а таа зад себе остави четири малолетни деца.
Од „Женскиот центар за поддршка“-Битола велат се зголемува бројот на пријави на семејно насилство. Годинава помош побарале 11 жени. Мотивот за денешното убиство сега се непознати.
Ружица Аџикотарева Ѓоршевска
