Фудбал

Магијата на соседското дерби

20.09.2014 11:41

Низ децении наназад тоа е посебен момент во очите на љубителите на фудбалот од Скопје...

На Националната Филип Втори Арена попладне ќе истрчаат фудбалерите на Работнички и на Вардар. Низ децении наназад тоа е посебен момент во очите на љубителите на фудбалот од Скопје. Градско ривалство со своја особена привлечност. Особено во моментов кога Работнички е главниот титулар, а Вардар забревтан играчки и организационо се обидува да го врати приматот. 47-ми пат од осамостојувањето на Македонија перјаниците на фудбалот во Скопје ќе ги вкрстат копјата. Вардар е за нијанса поуспешен со 18 победи, една повеќе од Работнички. Но, „романтичарите“ го имаа последниот победнички збор на последните два натпревара на кои славеа со 2:1 и 3:1. Токму тие победи против „вардарците“ беа можеби пресудните, минатата сезона да ја завршат триумфално.

Двајцата тренери Игор Ангеловски и Сергеј Андреев без поголеми кадровски проблеми ја коваат стратегијата. Кај Работнички поради повреда ќе недостасува Кире Марковски. Во редовите на „црвено-црните“ Филип Ивановски не тренираше со полн интензитет. Јавноста е во исчекување дали дел од тимот ќе биде Горан Попов, кој деновиве го стави потписот за Вардар! Фудбалското надигрување и головите се обележје на соседското дерби! Во ерата на фудбалот како голем спортски спектакл, желбата на сите е и амбиентот на трибините на стадионот во Градскиот парк да биде дел од магијата на градското дерби!

 

Прва лига- 8 коло:

Сабота: 15.30 Работнички-Вардар –МРТ-пренос

                        Ренова-Хоризонт

Недела: 15.30 Тетекс-Металург

                         Силекс-Брегалница

                          Пелистер-Шкендија