Доживотен затвор за македонецот кој учествуваше во милионскиот грабеж во Бахреин

20.09.2014 11:52

Kрадците се уште не се фатени и по нив трага и Интерпол...

Судот во Бахреин вчера ги прогласи за виновни сите шестмина обвинети, меѓу кои и македонскиот државјанин Ѓерѓи Ѓин, за милионскиот грабеж на Ролекс часовници, вредни 1,4 милиони долари. На крадците им е досудена најстрогата затворска казна за кражбата на часовниците, за нападот на чуварот и за бегството со фалсификувани документи надвор од земјата. Во отсуство, доживотна казна затвор добија двајца Kосовци, двајца државјани на Албанија, еден од Србија и Ѓин од Македонија. 
 
Kрадците се уште не се фатени и по нив трага и Интерпол. Инаку според пресудата, само за кражбата на 80 „ролекс“ часовници тие се осудени на по 25 години затвор, но поради фактот дека се во бегство, дека сториле и низа други кривични дела во текот на грабежот, судот им досудил најстрога казна.
 
Бандата облечена во бурки и со количка за бебиња лани влегла во најголемиот трговски центар во главниот град Манама веднаш по затворањето во 22 часот. Го нападнале чуварот, подметнале лажна бомба, а потоа ладнокрвно носејќи ги часовниците си заминале. Целата акција ја снимиле безбедносните камери во трговскиот центар, но додека полицијата стигнала на местото, тие веќе ја напуштиле земјата.