Велес доби „Урбан Ѕид“

20.09.2014 13:20

Го создадоа дваесетина средношколци, кои на претходно подготвена површината на потпорен бетонски ѕид, со спрејови и акрилни фасадни бои, цртаа графити...

Велес го доби првиот Урбан Ѕид. Го создадоа дваесетина средношколци, кои на претходно подготвена површината на потпорен бетонски ѕид, со спрејови и акрилни фасадни бои, цртаа графити.

„Композицијата на која работиме е со наслов Еднаквост. Составена е од две птици и брановидни површини.“

„За прв пат имаме ваква активност. Нашата тема е во склоп со водата, линиите кои ги исцртуваме всушност се брановите преку кои се искажуваат чувствата на луѓето“, велат средношколците, учесници во проектот.

Исцртувањето на потпорниот ѕид кој поврзува две фреквентни улици во Велес, предизвика голем интерес кај минувачите. И тие, како и професорите по ликовна уметност под чие менторство се разубавуваше просторот, задоволни се од создадениот новиот лик.

„Како Урбан Ѕид е крстен проектот за оплеменување на просторот и е многу успешен, мислам дека со мене ќе се сложат и граѓаните со самото тоа што овој простор ќе биде урбано среден“, реча Блажена Илиќ, професор по ликовна уметност во ССО „Димитрија Чуповски“.

Агенцијата за млади и спорт и општина Велес се  носители на овој проект. Се очекува наскоро нов урбан лик да  добијат и други јавни површини.

„Доколку оваа пракса се покаже добра ќе ја продолжиме на останатите бетонски ѕидови кои ги имаме во изобилие“, изјави Славчо Чадиев, градоначалник на Велес.

Цртањето графити, или пренесувањето  порака на еден поинаков  начин не е непознат за западните земји. Во Македонија ова се први организирани настани. Освен во Велес, Агенцијата за млади и спорт организира креирање Урбан Ѕид уште во 24 општини.

 

Дијана Иванова