Загадувањето предизвикува последици врз глобалната економија
20.09.2014 14:10
Светската економија ја чека загуба поради уништувањето на рибарството како индустриска гранка. Ова непријатно предвидување ќе се случи до 2050-та година, ако луѓето не преземат мерки за намалување на издувните гасови. Загадувањето со јаглерод диоксид веќе влијае со скиселување на океаните на планетава...

Се поголемото количество на јаглерод диоксид во атмосферата придонесува за скиселување на океаните. Живиот свет во нив исчезнува. Ова веќе претставува проблем за рибарството во светот. Погодени не се само државите што излегуваат на мориња или океани туку и останатите, бидејќи загубите влијаат на светската економија.
„Јаглерод диоксид се апсорбира од океаните, се сврзува со молекулите на водата и формира јаглеродна киселина. Токму овој процес е причината за скиселување на океаните“, вели д-р Либи Џевет-Национална администрација за океани и атмосфера на САД.
46% јаглерод диоксид има во атмосферата, 29 проценти на почвата и 26 отсто во водите на планетава. Издувните гасови ги скиселуваат и езерата и реките.
„Ако цената на храната во светот стане поскапа поради скиселувањето на океаните, тоа ќе важи и за Македонците. Нема да биде ограничен ефект само за државите што излегуваат на море или океан, туку ќе има влијание врз глобалната економија. Треба повнимателно да ги разгледаме последиците за и езерата и реките. Државите што немаат излез на море или океан исто така ќе бидат засегнати од скиселувањето на океаните поради порастот на цените на храната во светот“, изјави д-р Џереми Матис од Национална администрација за океани и атмосфера на САД.
Најпогоден е Тихиот океан, а помалку Атлантскиот. Сепак, американските научници прогнозираат дека до 2050-та, школките, полжавите и раковите ќе исчезнат како видови ако не се запре загадувањето на Земјата.
Последиците од климатските промени се загрижувачки. Токму затоа идната недела за време на Генералното Собрание на Обединетите нации ќе биде посветена на справувањето со овој проблем.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
