Одбојка – СП Полска 2014

Полуфинални мундијалски возбудувања!

20.09.2014 16:44

Големата четворка на 18-то Светско првенство во одбојка заедно вреди осум медали, од нив на злато не се радувале само Французите....

Триколорите играат одлично на својот 15-ти мундијал, остварија девет победи и само два пораза и тоа во по пет сета, но сепак ќе ја имаат најтешката полуфинална обврска, затоа што ќе треба од тронот да го симнат шампионот Бразил. Кариоките ќе се обидат да бидат првата репрезентација којашто во историјата освоијала четири злата по ред. На овој долг турнир, Бразилците загубија само од Полска со 3:2, а покрај квалитетот и искуството на своја страна ќе ја имаат и традицијата. Актуелниот светски првак има 6 победи и само еден пораз во меѓусебните дуели на на мундијалите и тоа во последната пресметка во 2006-та. Сезонава ова ќе биде прв меч, лани во Светската лига и двете селекции победуваа по еднаш. По 12 години, кога беа бронзени, Французите вторпат се во позиција да играат за медал. Тогаш во Аргентина, загубија во полуфиналето од Русија со 3:2. Бразил има позитивен ефект во мечевите пред финалето и тоа 4 триумфи и три порази.

Дуелот меѓу Полска и Германија е пресметка на некогашни шампиони, домаќинот во 1974-та, а Германија како наследник на ДДР четири години претходно. Полјаците не се поразени во двете мундијалски полуфиналиња, за разлика од Германија којашто има победа во златната 1970-та и пораз пред 40 години. 3:3 е во меѓусебните дуели на Светските шампионати, додека на последниот меч и тоа на Европското првенство во 2011-та, Полска беше подобра со 3:1.

Преносите од полуфиналните натпревари ќе бидат на МРТ собранискиот сервис. Од мечот меѓу Франција и Бразил околу 17 часот и 20 минути, по преносот од домашниот фудбалски дуел Работнички – Вардар, додека почетокот на натпреварот Полска – Германија е во 20 и 25.

И термините за утрешните мечеви за медалите се исти, се разбира директно на МРТ собранискиот сервис.