РКЕ денеска треба да ги соопшти новите малопродажни цени на горивата
Според владините проценки, продолжувањето на мерките треба да помогне во одржување на постабилни цени на домашниот пазар и да спречи поголеми ценовни разлики во однос на земјите од регионот...

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) денеска треба да ги соопшти новите малопродажни цени на горивата, откако Владата одлучи да ги продолжи мерките за ублажување на ценовниот притисок врз граѓаните и компаниите.
На вонредна седница, Владата донесе одлука мерките поврзани со горивата да останат во сила до 1 јуни. Тоа значи дека и понатаму ќе важат намаленото ДДВ и пониските акцизи за бензинот и дизелот. Според владините проценки, продолжувањето на мерките треба да помогне во одржување на постабилни цени на домашниот пазар и да спречи поголеми ценовни разлики во однос на земјите од регионот.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека мерките се продолжуваат поради нестабилностите на светските енергетски пазари и потребата да се задржи ценовен баланс во период на зголемени глобални ризици. РКЕ традиционално новите цени на бензините и дизелот ги објавува во текот на денот, а тие стапуваат на сила од полноќ.
Одлуката внимателно ја следат и граѓаните и транспортниот сектор, особено во период кога глобалните цени на нафтата повторно се под притисок поради тензиите на Блискиот Исток и нестабилностите на енергетските пазари.
