Специфичните рибници- мамка за туристите
Охридската туристича понуда е безгранична. Бисерно езеро, богата историја, културни содржини. Сепак, бренд е охридската пастрмка, која освен во езерото, може успешно да живее и да се размножува во рибници, направени на специфичен начин, со услови прилагодени на овој ендемски вид. Нашата охридска екипа со камерата малку ги вознемири во рибникот во село Завој...

Погрешно би било охридската туристичка понуда да се сведува само на она што го нуди градот со културното наследство или со езерото. Околината на македонскиот бисер изобилува со раскошни природни убавини од кои застанува здивот. Во јавноста е малку познат охридскиот регион на магистралниот пат кон Ресен,кој е вистински рај за сите вљубеници во недопрената природа. На само 15-тина километри од градот откривме едно катче во кое е сместен единствениот рибник во Македонија каде што во природен амбиент се одгледува охридската пастрмка, крапот и автохтоната речна пастрмка.
„За охридската пастрмка мора да имаме ваков амбиент, вакви рибници. Таа е риба која е многу осетлива и и треба поголем простор за да успее.Во мал простор или оние класични рибници охридската пастрмка се гуши и не може да опстане повеќе од 2-3 години“, вели Тони Јованоски, сопственик на рибник.
Шумата, тревниците и реката го прават овој локалитет уште поатрактивен. Во креацијата на овие природни убавини човекот малку замешал прсти, освен кога ќе посака да вкуси од природно одгледаната риба.
„Покрај тоа што можат да пробаат охридска пастрмка, посетителите можат кога е периодот на мрестот на пастрмката, тоа се случува од јануари до март, да дојдат и да видат како на природен начин се мрести охридската пастрмка“, додава Јованоски.
Опкружувањето го прави овој простор уште поатрактивен. Се наоѓа во средината на село во кое што времето како да застанало пред половина век. А тоа е и неговата предност, зашто на гостите им ги открива тајните на некогашното живеење. Затоа во последниве години е се попривлечен.
Сашо Нелоски
