Изложба за црковната уметност од 19 век во Музејот на град Скопје
Во Музеј на град Скопје утре ќе биде отворена изложбата „Црковната уметност на 19 век во Скопје и Скопскиот регион“, посветена на делата на најзначајните македонски зографи од 19 век.

Изложбата „Црковната уметност на 19 век во Скопје и Скопскиот регион“ ќе биде отворена во четврток во 19 часот во Музеј на град Скопје. Автори на изложбата и каталогот се м-р Викторија Грозданова Коцевски и м-р Станимир Неделковски.
Поставката опфаќа дваесетина иконописни дела од музејската збирка на икони од 19 и почетокот на 20 век, изработени од познати зографи како Дичо Зограф, Петре Пачаров Дебранец и Димитар Андонов Папрадишки.
Ќе бидат претставени и псеудо фрески со мотиви од црквите „Св. Георги“ во село Бањани и „Св. Никола“ во село Глуво, како и фотографии од иконостаси создадени во 19 век во црквите од скопскиот регион.
