Блиски Исток

Разговорите за завршување на војната на Блискиот Исток во застој

18.05.2026 12:18

Шефот на Белата куќа со нови закани кон властите во Техеран, бара брз реакција. Иранските медиуми објавија дека САД не успеале да направат никакви конкретни отстапки во својот одговор на најновите предлози за прекин на конфликтот. Министрите за надворешни работи на состанок во Брисел, Г-7 на останок во Париз. Меѓународната заедница бара начини како да ги надмине последиците предизвикани од продолжената војната на Блискиот Исток.

Веќе неколку дена разговорите за завршување на војната на Блискиот Исток се во застој. Американскиот претседател со ново предупредување до Иран, времето е од суштинско значење, часовникот отчукува и мора да реагираат брзо. Израел ја зголеми воената готовност поради стравувања од нова ескалација со Иран и е подготвен да се приклучи на евентуални американски напади, објавија израелските медиуми.

„Мислам дека не можете да добиете прецизен одговор од Иран затоа што не можат да бидат прецизни. Мислам дека сега се толку неуредни, ослабени. Се согласуваат со некои работи, а следниот ден се повлекуваат. Претседателот Трамп е многу фрустриран. Па што да се прави следно? Мислам дека ќе биде многу тешко да се постигне договор со сегашниот режим“, изјави сенатор Линдзи Греам – републиканец.

Медиумите во Иран објавија дека САД не успеале да направат никакви конкретни отстапки во својот одговор на најновите предлози на Техеран за прекин на конфликтот. Пакистан сè уште се обидува да олесни понатамошни преговори меѓу завојуваните страни. Ормускиот теснец останува блокиран, додека земјите од Персискиот Залив и натаму се во вонредна состојба. ЕУ бара од Кина да го искористи влијанието врз Техеран за да обезбеди целосно повторно отворање на протокот.

„Навистина се обидуваме да ги притиснеме и убедиме сите играчи дека слободата на пловидба мора да се почитува, бидејќи гледаме и други теснеци во светот кои би можеле да се користат како оружје на сличен начин. И ова не е во корист на никого во светот“, изјави Каја Калас – шефица за надворешна и безбедна политика на ЕУ.

Војната и економските предизвици тема и на состанокот на министрите за финансии на Г7 во Париз.

„Во март решивме на Г7, на мултилатерален начин, да иницираме ослободување на стратешки нафтени резерви што ги ограничи шпекулациите и ја намали цената на нафтата во тоа време. Ако треба повторно да се направи тоа во наредните месеци, ќе го направиме повторно“, изјави Ролан Лескир – министер за финансии на Франција.

И дека меѓународната заедница бара траен мир, а не кревко примирје во регионот на Блискиот исток, Израел потврди дека ликвидирале командант на Хамас, a Газа бележи напади и покрај мировниот договор. Израелската војска пресретна бродови кои се дел од најновиот бран активисти на флотилата кои се обидуваат да ја пробијат блокадата.

 

Маријана Димовска