Божиновска: Горивата во Македонија се најевтини во регионот и со висок квалитет
Македонија работи на целосно усогласување со европските стандарди во енергетиката и дополнително зајакнување на контролата на квалитетот на горивата, порача министерката за енергетика Сања Божиновска на 10-тиот Регионален симпозиум на лаборатории што се одржува во организација на „ОКТА“.

Горивата во Македонија се најевтини во регионот и ги исполнуваат највисоките стандарди за квалитет, истакна министерката за енергетика Сања Божиновска во видео- обраќање на 10-тиот Регионален симпозиум на лаборатории од Македонија, Србија, Хрватска, Словенија и Бугарија.
На симпозиумот, кој се одржува во организација на „ОКТА“, Божиновска нагласи дека државата посветено работи на целосно усогласување со европските стандарди во енергетскиот сектор.
„Со новиот Закон за енергетика воспоставуваме посилна правна рамка за пазарен надзор. Се работи и на модернизација на правилникот за квалитет на горивата, со што ќе овозможиме уште поефикасно следење и контрола на квалитетот“, истакна Божиновска.
Таа додаде дека надлежните институции ќе добијат подобри механизми за мониторинг, а целта останува воведување појасни и поефикасни процедури за контрола и целосно усогласување со европските стандарди.
