Правосуден испит

Владата и „Вреди“ најавуваат законско решение за правосудниот испит

18.05.2026 16:55

Владата и коалицискиот партнер „Вреди“ најавуваат решение за полагањето на правосудниот испит на албански јазик, кое, според нив, ќе биде усогласено со Уставот и законите. По средбата меѓу премиерот Мицкоски и лидерите на „Вреди“, беше соопштено дека се работи на правно одржливо решение...

Македонските институции активно работат на изнаоѓање на решенија кои ќе бидат целосно усогласени со Уставот и Законот за употреба на јазиците, со цел обезбедување правна сигурност и функционалност. Ова стои во владиното соопштение, по средбата на премиерот Христијан Мицкоски со копретседателите на коалицискиот партнер ВРЕДИ, Билал Касами и Изет Меџити, на темата за употребата на јазиците при полагањето на правосудниот испит.

„Беше нагласено дека преку заеднички, мудар и достоинствен пристап, може да се дојде до решенија кои ќе значат напредок, меѓусебна доверба и заедничко чекорење кон иднината. Соговорниците се согласија дека образованието и знаењето претставуваат темел на секоја современа и успешна држава“, се вели во владиното соопштение.

Реакција и од ВРЕДИ. Велат, она што претходната власт на ДУИ не го реши за две декади, ние го решаваме со конкретни чекори. Додаваат дека правосудниот испит ќе се полага и на албански јазик, а средбата со премиерот Мицкоски била со цел, наоѓање на соодветно, законско решение.

„ВРЕДИ верува дека образованието, правдата и јазичната еднаквост, се основата на секоја модерна држава. Затоа, решенијата нема да бидат половични, туку целосни и долгорочно прифатливи, во интерес на студентите и сите граѓани“, се вели во соопштението на ВРЕДИ.

Дел од студентите од албанската етничка заедница во Македонија, два пати досега излегоа на протест и побараа полагање на правосудниот испит и на албански јазик. Од македонската влада најавија дека наскоро ќе понудат конкретен предлог.

Двајцата копретседатели на владејачката партија вреди, Изет Меџити и Биљал Касами, синоќа на социјалните мрежи објавија дека наскоро правосудниот испит ќе може да се полага на албански јазик, откако беше најавен денешниот протест во Скопје на кој централно барање е токму тоа.

„Правосуден испит и на албански јазик! наскоро со добри вести“, напишаа Касами и Меџити во идентичната објава, без да наведат повеќе информации.

 

Марија Котовска