Свет

Путин во Пекинг, глобалните прашања во фокус

19.05.2026 18:30

По Трамп, и Путин на средби во Пекинг. Во фокусот на разговорите со државниот врв, билатералните врски, енергенсите, глобалните прашања. И додека војната во Украина и на Блискиот исток продолжува, западот очекува Кина да изврши притисок врз Иран и врз Русија. Во исто време, шефот на Белата куќа објави дека го одложил најавниот голем напад врз Техеран на барање на земјите во заливот.

Билатералната и стратешката соработка, економијата, трговијата, актуелните глобални прашања, во фокусот на дводневната посета на рускиот претседател Путин на Кина. Средбата доаѓа неколку дена откако кинескиот лидер беше домаќин на американскиот претседател. Кремљ тврди дека разговорите биле планирани однапред и не се директен одговор на посетата на Трамп.

„Русија и Кина со доверба гледаат кон иднината и активно ја прошируваат соработката во политиката, економијата, одбраната и хуманитарната размена, истовремено охрабрувајќи поблиски врски меѓу луѓето. Заедно, правиме се што служи за продлабочување на билатералната соработка и унапредување на развојот на нашите држави“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.

Кина останува најголемиот трговски партнер на Русија откако западот воведе санкции за Москва поради војната во Украина. Пекинг се претстави како посредник и постојано негираше дека и обезбедува воена поддршка на Москва.

„Ова е многу јасен пример за зголемената релевантност и важност на координацијата меѓу големите земји во денешниот меѓународен систем. Не е случајно што претседателот Путин ќе биде во Пекинг веднаш по неодамнешната посета на претседателот Трамп. Мислам дека меѓународниот систем сега е во процес на распаѓање, а постојните меѓународни институции генерално станаа помалку ефикасни“, вели Џанг Син, заменик-директор на Центарот за руски студии, универзитет Источна Кина.

И додека блокадата на Ормускиот теснец продолжува, а светот се соочува со неизвесност во снабдувањето со енергенси, Пекинг е главен клиент на руските резерви на нафта и гас. САД и ЕУ бараат поголем притисок од Кина за Техеран, во момент кога Трамп објави дека го одложиле планираниот воен напад врз Иран, на барање на сојузници од Заливот.

„Ме прашаа Саудиска Арабија, Катар, Обединетите Арапски Емирати и некои други дали можеме да го одложиме нападот за два или три дена, краток временски период, бидејќи мислат дека се многу блиску до склучување договор. Тоа е многу позитивен развој на настаните, но ќе видиме дали ќе доведе до нешто“, нагласи Доналд Трамп, претседател на САД.

Влијанието на војната на Блискиот Исток, глобалните нерамнотежи, синџирите на снабдување со ретки земјени минерали тема и на состанокот на Г7 во Париз.

Маријана Димовска