Македонија

Совет на ЈО: Обвинителите се независни во постапувањето

19.05.2026 16:07

Одговорност се утврдува со докази, а не врз основа на политички изјави“ – Советот на јавни обвинители одговори на прозивките од ВМРО-ДПМНЕ да го испита постапувањето на Абази и Коларевиќ во случајот „Мазут“...

Политички изјави и јавен притисок не се основа за утврдување на одговорност на јавен обвинител, бидејќи Законот предвидува како се постапува ако постои сомнеж за незаконито или нестручно работење, велат од Советот на јавните обвинители по барањето на владејачката партија, ова тело да реагира на запирањето на истрагата за набавките на мазут за ТЕЦ-Неготино. Советот вели – нема надлежност да дава насоки, наредби или да влијае на одлуките што ги носат обвинителствата.

„Доколку постојат сомнежи за незаконито, нестручно или несовесно постапување на јавен обвинител, Законот предвидува посебни механизми и постапки за утврдување одговорност, кои се водат врз основа на конкретни факти и докази, а не врз основа на политички изјави или јавен притисок. Советот останува доследен на принципите на владеење на правото, поделба на власта и самостојност на јавнообвинителската функција, без да дозволи какво било политичко влијание врз постапувањето на јавните обвинители“, соопштија од Совет на јавни обвинители

ВМРО-ДПМНЕ и натаму инсистира да се провери постапувањето на обвинителите Абази и Коларевиќ во случајот „Мазут“.

Од ДУИ оценуваат дека ВМРО-ДПМНЕ врши притисок врз обвинителство, што според нив претставува мешање во правдата.

Минатата недела, ОЈО-ГОКК ја запре постапката поради недостиг на докази.

Анита Димитријевска – Велковска