Дрисла прераснува во еколошки парк

20.09.2014 18:50

Депонијата Дрисла е градежна зона. На 77 хектари, италијанскиот конзорциум „ФЦЛ Амбиенте“ инвестира 73 милиони евра во објекти, кои треба ја модернизираат депонијата...

Депониски гас, во најголем дел метан, создавање на алтернативно гориво, согорување опасни масла чиј продукт се електрична и топлинска енергија, се дел од придобивките кои се очекуваат во 2018 од инвестицијата во депонијата Дрисла.

„Нашиот проект е многу специфичен. Во план ни е од депонијата Дрисла да направиме еколошки парк. Важно ни е да ги почитуваме европските стандарди и правила за прием и преработка на отпад. Важно ни е и влијанието на животната средина. Секако ремедијацијата на депонијата е исклучително важна, но и управувањето со зоните“, вели Доменико Ферацоли.

Депонијата Дрисла е градежна зона. На 77 хектари, италијанскиот конзорциум „ФЦЛ Амбиенте“ инвестира 73 милиони евра во објекти, кои треба ја модернизираат депонијата. Планот е во неа да не се врши само депонирање, туку и селектирање, третирање и искористување на отпадот.

Италијанскиот конзорциум до 2018 година ќе инвестира во изградба на фабрика за прочистување на отпадните води, фабрика за селектирање на отпад, како и нови постројки за третман на индустриски и медицински отпад.

Инвеститорот најави строго почитување на еколошките стандарди. Проблем за кој со години алармираат локалните власти.

„Граѓаните на општина Студеничани во минатото од оваа депонија видоа многу штета, загадување на воздухот, загадување на подземните води и од тоа се ширеа многу епидемии затоа што не се работеше според стандардите“, нагласи Азем Садики, градоначалник на општина Студеничани.

Оваа инвестиција значи и доближување до Европската унија, зашто исполнува важни препораките од областа на животната средина, смета италијанскиот амбасадор во земјава. Вели дека претставува и поттик за италијански фирми да инвестираат во Македонија.

 

Лука Андреев