Јавен сервис

МРТ со повик за аудиција за вокален интерпретатор и конкурс за избор на композиција за Јуниорски Евросонг 2026

19.05.2026 15:12

Македонска Радио Телевизија објави повик за аудиција на вокални интерпретатори и конкурс за избор на композиција за Јуниорски Евросонг 2026, кој годинава ќе се одржи во Валета, Малта.

Македонската Радио Телевизија започна со подготовките за настапот на Северна Македонија на Јуниорскиот Евросонг 2026, објавувајќи повик за аудиција на вокални интерпретатори, како и конкурс за избор на композиција што ќе ја претставува државата на престижниот детски музички фестивал.

Годинашното издание на Јуниорски Евросонг ќе се одржи на 24 октомври во Валета, Малта, а право на учество на аудицијата имаат деца на возраст од 9 до 14 години. Кандидатите треба да достават две инструментални матрици во wav формат, лични податоци и контакт од родител, а на самата аудиција ќе изведуваат две композиции по сопствен избор, проследени со краток сценски настап.

При оценувањето ќе се вреднуваат вокалната интерпретација, сценската присутност, природноста на изразот и комуникацијата со публиката. Аудицијата ќе се одржи на 1 јуни со почеток во 10 часот во студијата на МРТ, а рокот за пријавување е до 29 мај 2026 година.

Паралелно, објавен е и конкурс за избор на оригинална композиција за Јуниорски Евросонг 2026. Авторите треба да достават демо-снимка, инструментална верзија и текст на песната, а композициите мора да бидат необјавени и да ги исполнуваат правилата на Европската радиодифузна унија.

Според конкурсот, песната треба да трае најмалку две и пол, а најмногу три минути, да има современ музички израз и позитивна порака прилагодена за деца и млади. Најмалку 60 проценти од текстот треба да биде на македонски јазик.

Пријавите за аудицијата и композициите се доставуваат електронски на адресата [email protected], а повеќе информации и правилата за избор се достапни на веб-страницата на Македонска Радио Телевизија.

Правилата за избор на претставник и композиција за Јуниорскиот Евросонг 2026 може да ги преземете на следниот ЛИНК.