Свет

Лидерите на Русија и Кина со нова демонстрација на политичка блискост од Пекинг

20.05.2026 15:47

Пекинг во фокусот на светската политика – Путин и Шји со силна демонстрација на единство и нов импулс во руско-кинеските односи. Лидерите најавија продлабочување на стратешкото партнерство и засилена координација на меѓународната сцена, со порака за порамноправен и мултиполарен светски поредок. Во центарот се десетици нови договори, како и најави за големи заеднички проекти, меѓу кои и гасоводот „Моќта на Сибир 2“. Путин и Шји испратија порака дека нивната соработка станува сè поцврст геополитички фактор, во услови на глобални тензии и нови линии на поделби...

Путин и Шји со нова демонстрација на политичка блискост од Пекинг. Лидерите најавија продлабочување на стратешкото партнерство и поголема координација на меѓународната сцена, оценувајќи дека односите меѓу двете земји се на највисоко ниво досега. Потпишани десетици договори од областа на трговијата, технологијата и научните истражувања, како и заедничка декларација за зајакнување на стратешката координација и мултиполарниот светски поредок.

„Русија и Кина се посветени на независни и автономни надворешни политики, работат во тесно стратешко партнерство и играат важна стабилизирачка улога на глобалната сцена. Работиме заедно за мир и универзален просперитет“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.

Путин нагласи дека Русија останува сигурен снабдувач со енергија за Кина, а билатералната трговска размена минатата година достигнала речиси 240 милијарди долари. Пекинг останува најголемиот купувач на руска нафта и клучен сојузник на Москва, и покрај западните санкции против Русија. Според извештаите, за време на посетата е постигнато и начелно разбирање за проектот „Моќта на Сибир 2“, гасовод кој би можел да испорачува до 50 милијарди кубни метри гас годишно кон Кина. Шји порача дека двете земји мора да дејствуваат како „одговорни големи сили“ во одбрана на меѓународната правда и спротивставување на едностраните притисоци во услови на „сложена и нестабилна“ глобална ситуација.

„Во денешниот свет, каде што се забележуваат растечки еднострани пристапи и поделби, неопходно е да се зајакне соработката меѓу големите сили. Како постојани членки на советот за безбедност на ОН и важни светски сили, кина и Русија треба да усвојат „долгорочен стратешки поглед“ на соработка за да обезбедат порамноправен меѓународен поредок“, изјави Шји Џјинпинг, претседател на Кина.

Осврнувајќи се на Блискиот Исток, Шји предупреди дека ситуацијата е во критичен момент и дека е потребен итен прекин на непријателствата, со цел да се избегне нова ескалација. Трамп изјави дека е уверен оти Кина нема да испраќа оружје во Иран и дека Пекинг има интерес од стабилен и отворен Блиски Исток.

„Претседателот Шји ми вети дека нема да испраќа оружје во Иран. Му верувам на зборот и го ценам тоа. Знаете, ако размислите, тој добива 40% од својата нафта. Тој сака стабилност и слободен проток“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Пред Путин, на средба со Џјинпинг во Пекинг беше Трамп.

Бојана Крстевски