Скопје
Македонските пожарникари го одбележуваат 20 мај – Денот на пожарникарството
20.05.2026 16:13
Да се влезе во оган е голема храброст. се ризикува сопствениот за да се спаси друг живот. И на одбележувањето на овој ден на пожарникарите, стари проблеми – недоволна кадровска екипираност, застарена опрема и потреба од модернизација.

Како дете, со восхит ги следел авантурите на пожарникарот Сем. Но, за Христијан тој лик не бил само цртан херој, туку и инспирација еден ден да спасува луѓе. Веќе 16 години е дел од Противпожарната бригада. Сила и мотивација за оваа хумана професија му е кога после интервенција ќе се врати со спасен човечки живот.
„Уште кога бев дете, ме инспирираше пожарникарот Сем. Бидејќи работата е хумана и тоа ме инспирираше да помагам на луѓето кога ќе бидат загрозени. Секогаш кога ќе после интервенција се вратиме со спасен човечки живот, тоа најмногу ме исполнува“, изјави Христијан Трајков – пожарникар.
Пожарникарите не гаснат само пожари, интервенираат и при сообраќајни несреќи, поплави и други непогоди. Но недостигот од кадар останува сериозен проблем. Скопската Противпожарна бригада моментално има околу 200 пожарникари, потребни се речиси уште толку.
„Недостигот од вработени е хроничен, последната генерација брои 20 нови вработени. На кои им претстои обука. Потребата од дополнување ќе тече континуирано во текот на годината, очекувам да дојдеме до некој оптимум каде ќе бидеме ефикасни во секој поглед“, изјави Звонко Томевски – командир на Противпожарната бригада.
Потребна е модернизација на противпожарната служба – вели градоначалникот Ѓорѓиевски. Пожарникарите заслужуваат подобри услови за работа, современа опрема и поголема подготвеност. Во пресрет на сезоната на пожари, веќе е формиран Кризен штаб.
„Кризен штаб кој ќе делува на региони, да бидеме подготвени но и во секое време да знаеме која општина каде ќе треба ако не дај Боже се случи пожар да биде подготвена за да интеренира, за да не губиме време во организација, туку да имаме начин и пат по кој ќе се движиме во наредниот период. Така мислам поподготвени ќе влезем во процесот“, изјави Орце Ѓорѓиевски – градоначалник на Скопје.
Со несебичност, пожртвуваност и храброст – тие се симбол на сигурност и надеж. Со симулација од интервенции го одбележаа Денот на пожарникарите.
Таму каде што другите застануваат, тие чекорат напред. Денешниот ден е потсетник на луѓето кои достоинствено ја носат тежината на една од најхуманите професии – пожарникарството.
Андријана Ѓурческа
