Блиски Исток

Трамп се закани со нови напади врз Иран ако не прифати договор

21.05.2026 12:15

Израел со резерва гледа на преговорите САД – Иран и сака да ја продолжи војната. Трамп и Нетанјаху во долг и тензичен телефонски разговор, дискутирале за стратегијата и можниот мировен договор. Американската војска пресретна и пренасочи танкер за нафта под иранско знаме во Оманскиот залив. Брисел и Лондон го осудија однесувањето на израелските власти кон приведените активисти од флотилата со хуманитарна помош...

Американскиот претседател тврди дека преговорите со Иран се во завршна фаза, но предупреди на нови напади доколку Техеран не прифати договор. Во исто време, Иран го обвини Трамп дека планира повторно војна и се закани со напади надвор од Блискиот Исток. Според медиумски извештаи, сојузникот Израел скептично гледа на преговорите и сака да ја продолжи војната. Трамп и Нетанјаху во долг и тензичен телефонски разговор, дискутирале за стратегијата и можниот мировен договор.

„Тој е добро. Ќе прави што сакам да прави. За мене, тој е одличен човек. Не заборавајте, тој беше премиер во воено време. И според мене, не се третира добро во Израел. Моментално сум 99 проценти во Израел. Би можел да се кандидирам за премиер“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Американската војска пресретна и пренасочи танкер за нафта под иранско знаме во Оманскиот залив. Бродот бил осомничен дека се обидел да се ја прекрши американската блокада. Во меѓувреме, Техеран одново го активираше тргувањето на берзата по месеци прекини.

„Некои компании претрпеа штета или предизвици во снабдувањето и нема да се отворат или да бидат достапни за тргување сè додека не се решат овие проблеми. Друга група вклучува компании чии трошоци за производство пораснаа побрзо од нивните приходи, што би предизвикало пад на нивната вредност“, изјави Ехсан Закернија, економски аналитичар.

„За среќа, денешниот пазарен перформанс, првиот ден на тргување по војната, ги надмина моите очекувања. Дури и во првиот час, рамнотежата помеѓу купувачите и продавачите беше приближно еднаква“, изјави Мохамад Мохамади, извршен директор на фирма за инвестиции.

И додека Иран се наоѓа помеѓу војната и мирот, газа и натаму ја загрижува меѓународната заедница. Брисел и Лондон го осудија однесувањето на израелските власти кон приведените активисти од флотилата со хуманитарна помош. 430 лица во моментов се притворени во Израел, а организациите обвинуваат дека Тел Авив користел прекумерна сила, израелските власти ги негираат обвинувањата.

Слушнавме многу приказни за многу насилство. Знаеме за најмалку двајца учесници кои беа хоспитализирани. Мораа да бидат однесени во болница на лекување. И двајцата беа застрелани со гумени куршуми без причина, без никакво оправдување“, изјави Сухад Бишара, адвокат на групата за правно застапување Адалах.

Администрацијата во Вашингтон се закани дека ќе ги укине визите за палестинската делегација во ООН доколку амбасадорот Ријад Мансур не се откаже од кандидатурата за потпретседател на Генералното собрание. Изборите за претседател и 16 потпретседатели на Генералното собрание ќе се одржат на 2-ри јуни.

 

Маријана Димовска