Фудбал

Силекс го освои Купот на Македонија

21.05.2026 10:05

Со голот на Алиќ во второто полувреме, ФК Силекс ја совлада ФК Шкендија со 1-0 во финалето на Купот на Македонија на арената „Тодор Проески“. Кратовци стигнаа до трофејот и обезбедија пласман во квалификациите за Конференциската лига.

ФК Силекс е новиот освојувач на Купот на Македонија, откако во финалниот натпревар на Националната арена „Тодор Проески“ славеше против ФК Шкендија со минимални 1-0. Со триумфот, кратовскиот состав покрај трофејот обезбеди и место на европската сцена, односно настап во квалификациите за Конференциската лига.

Силекс отвори поофанзивно и уште во 9. минута се закани преку Алиќ, чиј незгоден удар го скроти голманот Гаје. Потоа следуваше период на иницијатива на Шкендија, која се закани преку Ндзенгуе со удар со глава, но Џеков интервенираше навреме. Во финишот на првиот дел, Красниќи задоцни за дел од секундата да упати удар кон голот на Силекс.

Тетовскиот тим подобро го отвори второто полувреме. Трумчи се најде во добра позиција, но шутираше над голот, а потоа Љатифи испрати силен удар што Џеков со одлична интервенција го одбрани.

Решавачкиот момент се случи во 71. минута. По грешка на Фетаи на средината од теренот, Додев ја одзеде топката и изби сам по левата страна, а потоа несебично асистираше до Алиќ, кој од непосредна близина ја затресе мрежата за водство и голема радост на Силекс.

До крајот, Шкендија се обидуваше да стигне до израмнување, но одбраната на Силекс издржа, по што кратовци заслужено се израдуваа на трофејот во Купот на Македонија.