САД поднесоа обвинение против Раул Кастро
„Ова е голем ден за Куба“, рече американскиот претседател Трамп откако САД поднесоа обвинение против Раул Кастро за заговор за убиство на американски државјани. Според него, не е потребна ескалација на ситуацијата на островот.

САД покренаа обвинение против поранешниот претседател на Куба, 94-годишниот Раул Кастро, поради инцидент од 1996 година, кога кубанската авијација собори два мали американски цивилни авиони. Кастро и уште петмина се товарат за убиство и за заговор за убивање американски граѓани. Случајот се темели врз претходна постапка отворена во 2003 година. Американскиот претседател вели дека ЦИА е присутна на Куба и дека државниот секретар Рубио бил вклучен во разговори со раководството на островот.
„Тоа е нација на неуспех. Гледате дека се распаѓа. Тие немаат нафта, немаат пари. Но, ние сме таму за да помогнеме. Ние сме таму за да им помогнеме на семејствата, на луѓето. И повторно, многу од тие луѓе се поврзани со мене во смисла дека имав толку одличен однос со кубанските американци. Тие ме поддржаа на ниво од 94 проценти“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.
Кубанската влада и жителите на Хавана го осудуваат обвинението против Кастро. Велат, САД немаат легитимитет и надлежност да ја спроведат оваа акција.
„Обвинението нема никаква правна, политичка и морална основа и мора да се гледа како дел од растечката ескалација на агресијата што ја видовме во текот на оваа година од соединетите држави против Куба. Ова не е изолиран инцидент“, изјави Карлос Фернандез де Косио-заменик-министер за надворешни работи на Куба.
„Да беше обратно, ако Куба ги испратеше тие авиони во соединетите држави и ние одлетавме во Мајами, што ќе се случеше? Ќе не собореа како глинени гулаби со ракетите „патриот“. Па, за што зборуваме?“, изјави Роландо Меса – државен службеник.
„Двете влади треба да седнат и да се договорат. Не би сакал воена интервенција во Куба, тоа не би била добра идеја.“, изјави Дебрезеи Барерас – домаќинка.
„Не мислам дека има потреба некој однадвор да дојде и да ги реши проблемите што самите Кубанци, заедно со нивната влада, би требало да бидат способни да ги решат. Толку е едноставно.“, изјави родни Амагуер – архитект.
Кина цврсто ја поддржува Куба во заштитата на нејзиниот национален суверенитет и се спротивставува на надворешното мешање.
„Американската страна треба да престане да со санкции и со судскиот стап против Куба, и да престане да се заканува со сила на секој чекор.“, изјави Гуо Џиакун – портпарол на Министерство за надворешни работи на Кина.
Во меѓувреме, Вашингтон го зголеми притисокот кон Хавана. Земјата е погодена од прекини на електричната енергија, откако САД го блокираа островот со закани со санкции за оние кои го снабдуваат со енергенси.
Катерина Бојаџиева
