Муцунски: Дијалогот е важен, иако сме далеку од решение со Софија
Прва официјална средба на шефот на дипломатијата Муцунски со бугарската колешка Чамова на маргините на министерскиот состанок на НАТО во Хелсингборг. Чамова претходно најави дека нема да преговара за „францускиот предлог“. Муцунски, пак, смета дека е важен дијалогот.

Прва официјална средба на шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски со бугарската колешка Велислава Петрова Чамова на маргините на министерскиот состанок на НАТО во Хелсингборг, Шведска.
По реакциите за именувањето како „северномакедонци“ од шефицата на бугарската дипломатија, усната нота до бугарскиот амбасадор, Чамова најави дека нема намера да преговара за уставните промени за продолжување на евроинтеграцијата на Македонија.
Муцунски, пак, смета дека е важен дијалогот иако сме далеку од решение со Софија. Покрај подготовките за самитот во Анкара, на којшто треба да се донесат важни одлуки за идната стратегија на НАТО, Муцунски најави дека ќе бара сојузниците да ја разгледаат и безбедносната ситуација на Западниот Балкан.
„На Западниот Балкан има сериозни злонамерни влијанија од надворешни фактори и безбедносниот ризик сè уште постои. НАТО е алијанса која станува сè посилна благодарение на нашата посветеност да издвојуваме пет проценти за одбраната“, изјави шефот на дипломатијата, Тимчо Муцунски.
На состанокот биле отворени клучни теми за идната безбедносна архитектура на НАТО, меѓу кои европските сојузници да не зависат од американското воено присуство во Европа, по најавите на САД дека ќе прераспоредат дел од силите. Сојузниците се согласиле дека е потребно зголемување на одбранбените инвестиции и производство.
„Одбранбената индустрија не произведува доволно, што е проблем и во Европа и во САД. Ова ќе биде големо прашање на самитот во Анкара, но мора да произведуваме повеќе оружје за да ги одржиме нашата одбрана и одвраќање“, изјави Марк Руте-генерален секретар на НАТО.
„Сите ние во НАТО и надвор од него едноставно не сме во можност да произведеме доволно оружје да се задоволат побарувачката и идните потреби. Мора да соработуваме заедно не само на производството туку и на интероперативноста“, нагласи американскиот државен секретар, Марко Рубио.
НАТО заеднички ќе дејствува против Иран и во плановите за натамошна поддршка на Украина.
Ирина Гелевска
