Реакции по оставката на Земон
Откако Рубин Земон, член на Извршниот одбор на СДСМ, реши да се повлече од партиската функција, се огласија од ВМРО-ДПМНЕ. Велат дека СДСМ и Венко Филипче се откриени во намерите и политиките на сервилност.

Откако Рубин Земон, член на извршниот одбор на СДСМ, реши да се повлече од партиската функција поради критиките во јавноста за скандалозните изјави за историската улога на македонскиот револуционер Гоце Делчев, од владејачката партија велат-СДСМ и Венко Филипче се откриени во намерите и политиките на сервилност.
Лидерот на СДСМ вели, оставката е личен чин на морална одговорност на Рубин Земон. Тврди оти тој стои зад македонските национални интереси, иако власта во континуитет го обвинува за наводна спрега со официјална Софија.
„Сакајќи да го заштитам угледот на СДСМ од непринципиелните напади кон мене, а со тоа не бирајќи средства да го инволвираат и моето семејство, а со цел да не бидам товар на борбата на партијата кон уривањето на оваа власт, поднесувам оставка од местото член на ИО на СДСМ“, напиша Земон на социјалните мрежи.
Претходно поранешниот градоначалник на Струмица и поранешен функционер на СДСМ, Костадинов ја коментираше оставката Земон.
„На СДСМ очајно му треба внатрешна консолидација, а не ад хок комбинаторики“, пишува Костадинов.
Земон вчера поднесе оставка од Извршниот одбор на СДСМ откако се појави фотографија на која тој е фотографиран во друштво на Виктор Стојанов, претседател на т.н. „Фондација Македонија“, кој има доживотна забрана за влез во Македонија и против кого пред два месеца беше поднесена кривична пријава за ширење говор на омраза кон македонската држава и народ.
Игор Панов
