Дигиталната ера го осиромашува јазикот
Дигиталната ера донесе нови начини на комуникација, но и предизвици за македонскиот јазик. Англизми, латиницата, сè повеќе го менуваат начинот на кој младите пишуваат и говорат. Технологијата го осиромашува јазик, а институциите мора да реагираат, сметаат експертите.

Дигиталната ера отвори нови можности за комуникација. Но, истовремено донесе и сериозни предизвици за македонскиот јазик. Младите денес во секојдневната комуникација, зборувајќи но и пишувајќи, се повеќе употребуваат англизми. Латиницата пак речиси целосно ја замени кирилицата, дури и во официјалната комуникација. Наставниците по македонски јазик, лекторите појаснуваат македонскиот јазик не е сиромашен. Загрижува што младите се помалку го познаваат. Предупредуваат дури половина од содржините на интернет, порталите, промотивните материјали, се со англиски термини.
„Англизмите нормално дека се присутни преку модерната технологија но тоа не значи дека немаме ние македонски зборови за сите странски, кои ги употребуваат се повеќе и повеќе и некако станува тој јазик неразбирлив за обичните луѓе. Со културни, образовни институции комуницирам писмено и сите тие пишуваат на латиница, а секаде на сите паметни телефони има кирилица. Како може да пишува некој, распишува конкурс за мајчин јазик, а пишува на латиница. Конкурс за ден на македонскиот јазик напишан на латиница или сега за Св. Кирил и Методиј напишан на латиница, кога тие создале специфично писмо само за Словените кое подоцна е пренесено во кирилица“, нагласи Ангела Петковска, наставник и лектор по македонски јазик и литература.
Јазичната култура не се гради само во училница, туку секојдневно – преку медиумите, социјалните мрежи, образованието и јавната комуникација. Институциите, училиштата, медиумите и културните установи, укажуваат стручните лица, мора многу повеќе да го промовираат правилното користење на македонскиот јазик и кирилицата. Во спротивно, ако се изгуби чувството за сопствениот јазик и писмото, се губи и дел од културниот идентитет.
Јазикот е она што не прави различни од останатите, затоа треба да го чуваме, негуваме.
Елена Георгиевска
