Чествувањето на Св. Кирил во Рим завршува со концерт на камерниот ансамбл „Консонанс“
Концертот, кој вечер ќе се одржи во салата „Хорти салустијани“, го организира Министерството за култура и туризам. Ќе се обрати министерот Зоран Љутков...
Со концерт на камерниот ансамбл „Консонанс“ ќе заврши годинашното чествување на Св. Кирил во Рим, во рамки на одбележувањето на Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј.
Концертот, кој вечер ќе се одржи во салата „Хорти салустијани“, го организира Министерството за култура и туризам. Ќе се обрати министерот Зоран Љутков, кој вчера изјави дека настапот на ансамблот е можност македонската култура достоинствено да биде претставена пред меѓународната јавност и, како што рече, да ја потврдиме нашата вековна поврзаност со делото на светите браќа Кирил и Методиј.
Камерниот ансамбл „Консонанс“ е формиран во 2007 година и го сочинуваат дрвени дувачки инструменти. Ансамблот е посветен на камерното музицирање и истражување на звукот што овие инструменти го создаваат заедно.
Годинашното чествување на Св. Кирил во Рим го организира Собранието на Република Северна Македонија и неговиот претседател, Африм Гаши, ја предводи државно-црковната делегација.
Вчера беше одржан молебен за св. Кирил во црквата „Сан Клементе“, со кој чиноначалствуваше архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан.
Во рамки на престојот во Италија, претседателот на Парламентот Гаши беше на аудиенција кај папата Лав XIV и имаше средба со Пјетро Паролин, државен секретар на Светата Столица.
