Нексе е само попатна станица пред ЛШ
Кога противникот е со значително освежен и подмладен состав, Вардар е далеку над Нексе...

Против Нексе, за победнички трансфер од СЕХА кон Лигата на шампионите. Во петтиот натпревар од регионалната конкуренција, нашиот вицепрвак Вардар очекува со четврта победа да го затвори уводниот дел од сезоната, којшто му беше загревачки пред почетокот на искушенијата во елитата.
За разлика од двојниот освојувач на СЕХА, хрватскиот репрезент се уште е без полн погодок досега, главно поради тешкиот распоред. Првите четири ривали на Нексе се учесници во шампионската лига. Загреб, Брест и Веспрем, а сега и Вардар, сепак се друго, повисоко ниво во однос на тимот од Нашице, којшто и во претходните сезони знаеше повремено да им создаде проблеми на подобрите од себе, но сепак беше далеку од завршниот турнир. И „црвено-црните“ знаеја да се помачат со Нексе, па последните два меча во Скопје ги добија само со по два гола разлика, а пролетоска во Осиек беа дури и поразени.
И тогаш и сега, разликата во квалитет е неспорна. Особено во моментов, кога противникот е со значително освежен и подмладен состав, Вардар е далеку над Нексе. Тоа отвора простор за тренерот Раул Гонзалес да провери и да воигра уште некоја варијанта пред пресметката со Целје на отворањето на Лигата на шампионите, но каков и да е друг епилог освен триумф на македонскиот тим, вечер не доаѓа предвид.
Натпреварот Вардар-Нексе се игра од 20.15 часот, со пренос на МРТ-1.
