Одбојка - СП Полска 2014

Бразил – Полска за златниот медал, Франција – Германија во утешното финале, со преноси на МРТ

21.09.2014 15:22

Големото финале на 18 одбојкарски мундијал е приказна за себе. Од една страна Бразил со историска шанса да стане првата селекција со 4 едноподруго светски титули, од друга домаќинот со амбиции по пауза од 4 децении да ја врати светската круна во Полска. Тоа ќе биде нивна втора финална меѓусебна пресметка во последните 3 шампионати. Во 2006 година во Токио Бразил ја понижи Полска во 3 сета за само 70 минути игра, освојувајќи 75 наспроти 51 поен.

Големото финале на 18 одбојкарски мундијал е приказна за себе. Од една страна Бразил со историска шанса да стане првата селекција со 4 едноподруго светски титули, од друга домаќинот со амбиции по пауза од 4 децении да ја врати светската круна во Полска. Тоа ќе биде нивна втора финална меѓусебна пресметка во последните 3 шампионати. Во 2006 година во Токио Бразил ја понижи Полска во 3 сета за само 70 минути игра, освојувајќи 75 наспроти 51 поен. Влажли, Виниарски и Загумни е триото полјаци кои ќе сторат се за да им се реваншираат на Мурило и на противничкиот селектор Резенде кои им беа и тогаш ривали. Кариоките ќе го играат своето 5 финале, од кои го загубија само првото во 1982 од тогашниот СССР. Но затоа не знаат за пораз во овој милениум, во кој покрај споменатото финале со Полска, во 2002 година на шампионатот во Аргентина славеа нда Русија 3 : 2, а во 2010 во Италија против Куба со 3 : 0. Полска вечерва ќе го игра второто финале, со амбиции да се одмаздат за дебаклот пред 8 години. Иако триумфираа пред 40 години во Мексико, тогаш се играше во поинаков формат, во групи и без класично финале.

Едно е сигурно, вечерашните актери заслужија да се борат за светскиот примат. Полска единствениот пораз го претрпе од САД во втората групна фаза, а Бразил исто така само еднаш загуби, токму против Полска во третата групна фаза кога иако водеа со 2 : 1, ги загубија четвртиот и петтиот сет. Мечот Бразил Полска кој се игра во “Сподек арена“ во Катовице ќе го пренесуваме на Собранискиот сервис, со почеток од 20.20 часот.

Претходно во истата сала се игра малото финале, во кое се среќаваат репрезентациите на Франција и Германија, поразените од полуфиналните мечеви. За “триколорите“ тоа е шанса да го освојат вториот медал на светските шампионати, по оној во 2002 година кога ја совладаа тогашната СР Југославија, а за “панцирите“ по обединувањето тоа е  можност да го освојат првиот светски трофеј. Мечот за бронзениот медал се игра во 16.30 часот, исто така со пренос на Собранискиот сервис.