Ќе се преиспитува стечајната постапка во кумановска „Искра“?!
Ќе се преиспитува ли стечајот на кумановска „Искра Инжинеринг“, според поранешни вработени половина милион евра исчезнале во текот на постапката, а со неисплатени 24 плати останаа околу 500 работници...

Поранешни вработени од кумановската фабрика „Искра Инженеринг“ која од 2003-та е во стечај од надлежните ќе бараат да се преиспита стечајната постапка со сомниение дека одредена сума пари од стечајната маса била проневерена. На нивно барање стечајниот управник пријавил во СВР Куманово дека половина милион евра исчезнале во текот на стечајната постапка.
„Поднесовме една ургенција за постапување со која што баравме да се најде групата од поранешни вработени и лицата од страна кои биле вклучени во стечајната постаапка и незаконски подигнале околу 500 илјади евра“, вели Трајан Димитриевски член на Одбор на доверители АД Искра.
Од поранешната „Искра“ пред 11 години без опремнини и неисплатени 24 плати останаа 517 работници. Како што велат тие со социјалниот пакет и акциите имаат побарувања од околу 8 милиони евра. Затоа бараат да се најде разрешница за некогашниот гигант за метални конструкции, за да може да си ги остварат своите права.
„Кога се градеа погоните, за секој работевме по седум работни саботи бесплатно, без личен доход. Истотака работевме без пари и кога ги градевме Спортската сала и Школската амбуланта во Куманово“, вели Владо Стојановски поранешен вработен во АД Искра.
„Се до денеска лошо живеме , затоа што немаше каде да работиме , а сега плус сме во години кога никој не би не зел на работа“, додава, Бурим Мемети поранешен вработен во АД Искра .
Во 2003-та, новиот дел од Искра го купи грчкиот бизнисмен за 500 000 евра. Подоцна и тутунскиот бос Бајруш Сејдиу стана сопственик на стариот дел од фабриката со неколу хали и ресторанот Милано. Откако во 2008-та му беа конфискувани и тие влегоа во стечајната маса.
Фабириката Искра своевремено беше еден од водечките брендови на Балканот во произвоство на цевки и профили, извезуваше во Европа и Русија како и на блискиот Исток.
Габриела Димковиќ
