Намален род: Ќе нема доволно пиперки за ајвар!
И во Kривогаштани ќе нема доволно пиперки за ајвар. Неповолните временски услови негативно се одразија врз родот во овој втор по големина регион за производство на ајварката, а глодарите до докрајчија и тоа што остана на нивите...

Започна откупот на пиперката во Општина Кривогаштани, регионот каде се произведува најголемиот дел од оваа култура во Македонија. Но за жал годинава поради врнежите и наездата на глодари родот е многу уништен, а останатиот не е со екстра квалитет.
Земјоделците велат дека годинава родот е намален за 30 до 40 проценти, а од она што преостанало, само мал дел околу 20 проценти се продава како прва класа, останатото е втора класа која се продава за 13 денари за килограм.
Само мал дел се плаќа за прва класа која чини од 18 до 22 денари за килограм.
„Секако имаме 40 проценти штети поради глувците, јас ова го прогласувам како елементарна непогода“, вели Роберт Кадински, земјоделец.
„Како род е послаб за разлика од лани, можам да кажам дека моите загуби се некаде 50 проценти, сите вакви изедени или скапани пиперки во нивата веќе се фрлаат“, рече Зоран Јовески, земјоделец.
Поради влажното време родот е помалку квалитетен и неможе да издржи транспорт за странство, затоа поголем дел околу 70% ќе се пласира во нашата конзервна индустрија.
„Пиперката скапува, се расипува додека стигне на местото за продажба и затоа и нејзината цена годинава е помала за разлика од лани“, рече Благојче Бозоски, откупувач.
Од Општината најавуваат странски инвеститори, кои во иднина би отвориле капацитети тука, и би го стабилизирале пазарот доколку дојде до вакви непогоди.
„Во фаза сме на преговори со две странски компании, едната веќе е сигурна и договрена, се работи за наши иселеници од Америка кои сакаат да отворат тука откупен и преработувачки центар за земјоделски култури, особено за пиперки“, изјави Тони Заткоски, градоначаник на Кривогаштани.
За отворање на погони во кривогаштани биле заинтересирани и турски и италијански компании.
Дарко Штаргоски
