Струга

Подигнување на свеста за заштита на охридската пастрмка!

21.09.2014 16:24

Кога по две години УНЕСКО ќе го операционализира барањето за заштита на Охридското Езеро по целата површина, познатата охридска пастрмка нема веќе да биде загрозен вид. Заштитата на езерото треба да ја подигне свеста кај езерското население и во Mакедонија и во Aлбанија за поставување построги сопствени еколошки критериуми...

Со целосната заштита на Охридското езерото и од албанска страна под капата на УНЕСКО, ќе се воведат нови стандарди во управувањето на оваа најголема водна површина. Акцентот ќе биде ставен на албанската страна.

Кај нас од пред 20-30 години се превземаат некои соодветни мерки било законски или практични, меѓутоа во соседна Албанија беше малку тоа заостанато, а сега се прават некои напори да се подобри положбата било во кој поглед, вели екологистот Мате Гогоски од Струга.

Според експертите најголемо внимание треба да се посвети на Охридската пастрмка.

Кога зборуваме генерално за Охридското езеро и неговата заштита под УНЕСКО се мисли на целото езеро, меѓутоа кога ја спомнуваме Албанија, не споменуваме дека таму не е заштитено езерото, тоа е заштитено но свеста кај народот кој живее во Албанија треба да се подигне на повисоко ниво, посебно кога станува збор за истребување на Охридската пастрмка.

Пастрмката живее во длабоки и студени води посебно во појасот од Трпејца спрема Радожда. Таа е најпозната и најбарана риба на Балканот. Специјалитетот и тајната на подготвување ја знаат малкумина. Ни откриваат само мал дел за неа.

Специфично е тоа дека ние ја спремаме пастрмката, јас сум научил од дедо ми, тој од дедо му и така натаму.  Тајната  е тоа што долги години се работи на тоа, изјави рибарот од Радожда, Бакрачески Крсте.

Охридската пастрмка со милениуми живее во Охридското Езеро и е нејзин заштитен белег, сега побавно созрева од порано, поради метеолошките услови и глобалните климатски промени, но опасност претставува и нејзиниот неконтролиран лов. Само со подигање на свеста и кај македонскиот и кај албанскиот народ може да се спаси рибниот фонд во езерото со кој самата пастрмка и белвица веќе се наоѓаат на светската листа на загрозени видови риба.

 

Јованчо Наумоски