Послаб квалитет на тутунот во Струмица
Поголеми количини тутун но, со послаб квалитет. Врнежливото време не им одеше во прилуг ниту на тутунарите. Сепак, дел од нив сметаат дека тутунот е исплатлива култура...

Горчлива година за струмичките тутунари. Дождот им ја накваси и онака големата тутунарска мака. Ја зголеми и продолжи вегетацијата на жолтото злато, но го намали квалитетот. Велат, до нова година ќе береме. Земјоделците стравуваат дека и покрај добрите количини, нема да имаат големи приходи во домашниот буџет.
Сепак, дел од нив истакнуваат дека тутунот е исплатлива индустриска култура која годинава во струмичкиот регион е засеана на околу 2.100 хектари.
Од Здружението на тутунопроизводители Басмак од Василево, истакнуваат дека ќе ги добијат планираните 3 илјади тони од струмичката почва. свесни се дека годинава беше тешка за тутунарите, од склучувањето на договори, доцнењето на расадувањето, а сега и бербата.
Оваа година нема да има ран откуп на тутунот. Земјоделците родот од реколтата ќе почнат да ја продаваат од 10 ноември. Во струмичкиот регион има околу 6.000 евидентни листови.
Катерина Дафчева
