Финансии

Собранието ја разгледа Фискалната стратегија 2027-2031

26.05.2026 15:00

Фискалната стратегија за периодот 2027-2031, која предвидува постепено намалување на буџетскиот дефицит, стабилни јавни финансии и просечен економски раст од четири проценти, денеска беше разгледана на пленарна седница во Собранието.

Собранието денеска ја разгледа Фискалната стратегија за периодот 2027-2031 година, подготвена од Министерството за финансии и усвоена од Владата, со која се предвидуваат одржливи и стабилни јавни финансии, постепена фискална консолидација и поддршка на економскиот раст.

Стратегијата предвидува намалување на буџетскиот дефицит на 2,8 проценти од БДП до 2029 година, како и одржување високо ниво на капитални инвестиции во инфраструктурата, енергетиката, образованието и дигитализацијата.

Заменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски, истакна дека даночната политика ќе биде насочена кон намалување на сивата економија и зголемување на наплатата преку дигитализација и поефикасен даночен систем.

Според проекциите во стратегијата, во периодот 2027-2031 година се очекува просечен економски раст од четири проценти, поттикнат од капитални инвестиции, странски директни инвестиции и поддршката од Планот за раст на Европската Унија за Западен Балкан.