Нови израелски напади во Либан и Газа
Израел изврши нови напади во Либан врз цели на Хезболах и покрај напорите за прекин на огнот и планираните директни разговори со либанските претставници во Вашингтон. Во исто време во Газа, ликвидиран висок командант на Хамас. Кина објави дека работи на деескалација на тензиите во Иран. Ги повика завојуваните страни да се стремат кон прекин на огнот и да го вратат мирот.

Десетици загинати во израелски напади низ јужен и источен Либан, откако израелскиот премиер Нетанјаху објави засилени воените дејствија против Хезболах. И покрај тековните напори за прекин на огнот и планираните директни разговори со либанските претставници во Вашингтон, израелската војска погодила повеќе од 100 локации и борци на милитантната група.
„Под мое водство и на министерот за одбрана, заедно со началникот на Генералштабот, ја продлабочуваме нашата операција во Либан. Израелските одбранбени сили дејствуваат со големи сили на терен и ги заземаат контролираните области“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Хезболах соопшти дека спровеле напади насочени кон израелски војници и возила што се мобилизираат по должината на реката Литани. Во исто време, Израел објави дека новиот шеф на военото крило на Хамас е убиен во нападите во Газа.
„Нема радосна атмосфера на Бајрам. Луѓето се вознемирени од смрт, убиства, страдањето и ситуацијата во која живееме. Ние сме мртви луѓе.“
„Оваа атмосфера е тешка. Човек сака да почувствува радост и да ја почувствува атмосферата на Бајрам, но нема радост. Радоста е замолчена. Три години војна, три години страдање. Воопшто нема радост.“
ООН повикаа да се избегне каква било ескалација во и онака кревката состојба на Блискиот Исток.
„Сега повеќе од кога било, императив е да се избегне каква било ескалација на конфликтот кој веќе одзеде голем број цивилни жртви, а кој ризикува потрагата по мир да ја направи уште подалечна, продолжувајќи го страдањето на луѓето“, изјави Фархан Хак, портпарол на ООН.
Пекинг работи на деескалација на тензиите во Иран, изјави шефот на кинеската дипломатија. Ги повика завојуваните страни да се стремат кон прекин на огнот и да го вратат мирот.
„Веруваме дека суверенитетот, безбедноста и територијалниот интегритет на сите земји во регионот мора да се почитуваат. Цивилните и невоените цели мора да бидат заштитени. Безбедноста на премините и енергетската инфраструктура мора да биде заштитена, а одредбите од режимот за неширење на нуклеарно оружје мора да се спроведат“, изјави Ванг Ји, министер за надворешни работи на Кина.
Техеран не отстапува од три клучни барања, зачувување на нуклеарната инфраструктура, признавање на иранската улога во надзорот и безбедноста на Ормускиот теснец и ослободување на замрзнатите средства погодени од санкции. Претходно Иран објави дека САД извршиле грубо кршење на примирјето со новите воздушни напади на југот од земјата.
Маријана Димовска
