Освен езерски, Охрид развива и рурален туризам
Песочни плажи или селски ливади? Дилемава ја разрешија денешните туристи, главно се ориентирани кон активен туризам кој подразбира прошетки и запознавање со природата, културата и со традицијата на местата што ги посетуваат. Охрид полека го фаќа чекорот на модерните номади. Потенцијал има...

Ако до сега Охрид беше исклучиво свртен кон езерскиот туризам, новите стандарди на модерните светски номади ги поттикнаа инвеститорите да се заинтересираат за подзаборавените и скоро целосно запуштени села.
Охридскиот регион има извонредни услови за развој на руралниот туризам, а за тоа сведочат се поголемиот број инвестиции во последната деценија.
Овој тренд е особено видлив на просторот на поранешната коселска општина каде што покрај возобновувањето на старите трошни куќи се градат и сместувачки капацитети,кои сигурно ќе придонесат за зголемување на конкурентноста на македонскиот туризам.
„Тој процес на селективност се наметна во руралните подрачја,на начин да се разбие концентрацијата на туристичката клиентела во крајбрежјето и да се понудат нови содржини“, вели проф. д-р Науме Мариноски.
Руралниот туризам подразбира и специфична понуда кога станува збор за храната. Доминираат селските специјалитети кои се приготвувале во минатото.
„Да речеме ѓомлезе, овде во Завој карактеристични се питулиците, па зелник, качамак, од месо има јарешко, па козјо млеко, овчо...“, вели Благоја Петроски, хотелиер.
Новите објекти се изградени во стилот на македонска селска архитектура во која главни елементи се каменот и дрвото. Доминираат долгите чардаци, а ресторанските простории потсетуваат на некогашните анови. Тоа е уште еден адут во рацете на домаќините бидеќи секој гостин сака да ја почувствува автентичноста на регионот што го посетува.
Сашо Нелоски
