Свет

Примирјето на Блискиот Исток на тест

28.05.2026 12:17

Американската војска одново нападна цели во Иран кои претставувале закана околу Ормускиот теснец. Иранската војска возврати со удар врз воздухопловна база. Трамп предупреди дека договорот со Техеран мора да биде совршен, но не прифаќа краткорочно решение што ќе им овозможи на Иран и Оман да го контролираат важниот протокот. Слободната пловидба, тема и на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ на Кипар.

Во услови на кревко примирје и преговори за ставање крај на војната, по вторпат за три дена, американската војска нападна цели во Иран. Таргетирана воена локација во пристанишниот град, Бандар Абас, соборени ирански дронови кои претставувале закана околу Ормускиот теснец. Иранската војска објави дека возвратила со удар врз воздухопловна база. Во исто време, кувајтската армија соопшти дека пресретнале непријателски беспилотни летала и ракети. Американскиот претседател предупреди дека договорот со Иран мора да биде совршен, но не прифаќа краткорочно решение што ќе им овозможи на Иран и Оман да го контролираат важниот протокот.

„Тоа се меѓународни води. Никој нема да го контролира. Ние ќе го чуваме, но никој нема да го контролира. Тоа е дел од преговорите што ги водиме. Тоа се меѓународни води. И Оман ако не се однесува исто како и сите други ќе мора да ги дигнеме во воздух“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп.

Трамп истакна дека сојузниците од Заливот им должат на САД да ги потпишат Абрахамовите договори, насочени кон нормализирање на односите со Израел. Ја отфрли можноста Иран да ги префрли своите резерви од високо збогатен ураниум во Русија или Кина. Прифатлива опција е ураниумот да биде уништен во САД, во Исламската Република или на друга прифатлива локација. Од Техеран велат дека нема да се повлечат од своите црвени линии и покрај притисокот од Вашингтон.

„Реториката на Трамп нема да го потисне Иран од своите црвени линии, правото да збогатува и поседува збогатен ураниум, авторитетот над Ормускиот теснец и отстранувањето на санкциите. Очигледно е дека Трамп, барајќи излез од овој стратешки ќорсокак оди напред-назад помеѓу закани и апелирање за договор“, објави шефот на Комитетот за национална безбедност на иранскиот парламент, Ебрахим Азизи.

Слободната пловидба и кревката состојба на Блискиот Исток тема на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ на Кипар.

„Ормускиот теснец е во состојба помеѓу војната и мирот. Во интерес е на сите да се почитува слободата на пловидбата бидејќи сите плаќаат многу висока цена за тоа“, рече Каја Калас, шефица за надворешна и безбедносна политика на ЕУ.

Израелската војска издаде наредби за евакуација за големи делови од јужен Либан, прогласувајќи ги областите за борбени зони пред нови напади врз Хезболах. Жителите беа повикани да се преселат северно од реката Захрани. Ова е најголемата наредба за евакуација откако прекинот на огнот стапи на сила на 17 април. Претходно, Израел изврши напади врз јужниот град Тир. Хезболах, го обвини Тел Авив за кршење на прекинот на огнот и рече дека неговите борци се судриле со израелските трупи.

Маријана Димовска