Народна банка

Растат безготовинските плаќања и девизните резерви, се намалуваат поплаките кон банките

28.05.2026 20:39

Советот на Народната банка констатира раст на безготовинските плаќања и засилена употреба на дигиталните канали во 2025 година. Во првиот квартал од 2026 година се зголемени и девизните резерви, додека бројот на поплаките од граѓаните кон банките и штедилниците е намален.

Советот на Народната банка на редовната седница ја разгледа Годишната информација за плаќањата во државата за 2025 година, при што беше констатиран натамошен раст на безготовинските плаќања и на користењето дигитални канали за извршување платежни трансакции.

Според податоците, во 2025 година биле реализирани 249 милиони безготовински трансакции, што претставува раст од 7,1 проценти на годишно ниво. Вредноста на трансакциите достигнала 9.719 милијарди денари, со раст од 36,4 проценти.

Раст е забележан кај плаќањата со платежни картички, како и кај електронските кредитни трансфери. Трансакциите со картички пораснале за 8,4 проценти и учествуваат со 69,1 процент во вкупните безготовински плаќања. Зголемување има и кај плаќањата во е-трговијата и преку ПОС-терминали.

Од Народната банка информираат дека 71,7 проценти од електронските кредитни трансфери кај граѓаните биле иницирани преку мобилни уреди. На крајот од 2025 година во земјава имало околу два милиона платежни картички, од кои речиси сите овозможуваат бесконтактни плаќања.

Советот го разгледал и Извештајот за поплаките кон банките и штедилниците, при што е констатирано намалување на бројот на поплаките од физичките лица за 4,1 процент во однос на претходната година. Во корист на клиентите биле решени 71,5 проценти од поплаките.

На седницата бил разгледан и Извештајот за управувањето со девизните резерви во првиот квартал од 2026 година. Девизните резерви на крајот на март достигнале 5,249 милијарди евра, а растот главно произлегува од нето-приливите за Владата и позитивните курсни и ценовни промени.