Економија

Контроли на терен и нова потрошувачка кошничка – Владата ја следи состојбата со цените

28.05.2026 16:41

Додека се чека ставот на Економско-социјалниот совет за потрошувачката кошничка, Владата уверува дека будно ги следи ценовните движења на пазарот. Инспекциските служби вршат контроли кај трговците, а најавени се и построги санкции за нефер трговски практики.

Се чека ставот на Економско-социјалниот совет за потрошувачката кошничка, пресметките ќе се вршат врз основа на релевантни статистички показатели, но и цените во трговијата, велат од Министерството за економија.

Инфлациските движења се во рамките на очекуваното, нема причина за итни и драстични интервенции на пазарот со ограничување на маржи и замрзнување на цени – став на Владата. Ситуацијата се следи, на терен се повеќе од 30 тимови – инспектори, се вршат контроли на увозници, дистрибутери за злоупотреби за нефер тргување – уверува заменик-министерот Ристески.

„Од она што е предизвикана малку поголема инфлација, гледаме дека најмногу е во транспортните трошоци, над 10 насто се зголемени, нормално поради енергетската криза, а преку транспортните трошоци се зголемуваат и цените на другите производи. Во однос на основните прехранбени производи, безалкохолни пијалаци, изнесува само 0,7 проценти. Инспекторите се на терен и како Влада, повторно ќе кажам, нема да дозволиме неекономско и непазарно однесување и печалење на грбот од граѓаните во вакви тешки финансиски услови“, нагласи заменик-министерот Ристески.

Со новите корекции за нефер трговски практики, казните за непочитувачите ќе се зголемат десетина пати, ќе се воведат и глоби за добавувачите. Законските корекции наскоро ќе се најдат пред народните избраници, вели Ристески.

Викторија Милевска