Се финализираат деталите од договорот САД- Иран
Вашингтон се надева дека Техеран преговара со добра волја. Врховниот лидер на Иран пак, изјави дека непријателот се обидува да создаде поделби за да ги компензира неуспесите.

Прерано е да се каже кога и дали САД и Иран ќе го финализираат договорот за прекин на огнот за уште 60 дена и ќе ги почнат разговорите за иднината на нуклеарната програма. Вашингтон се надева дека Техеран преговара со добра волја.
„Постојат одредени детали што ќе треба да се решат, за кои ќе биде потребно малку време. Само за пример, дури и ако се договориме, да речеме, за уништувањето на збогатените резерви, како ќе го направите тоа? Она што сакам да го кажам е дека напредуваме. Стигнуваме до точка каде што потенцијално би можеле да седнеме и да ги решиме овие прашања, но тоа бара од нас малку повеќе напредок“, изјави Џ.Д. Венс, потпретседател на САД.
Американскиот секретар за финансии претходно ја минимизираше заканата против Оман, откако шефот на Белата Куќа го предупреди сојузникот да не склучува никаков договор со Техеран за делење на контролата врз теснецот, во спротивно САД ќе мора да ги кренат во воздух.
Врховниот лидер на Иран пак, изјави дека непријателот се обидува да создаде поделби за да ги компензира неуспесите.
„Слепиот план на непријателот по наметнатата војна, економскиот притисок, пропагандата и политичката опсада е да создаде поделби и социјална фрагментација со цел да ги компензира своите неуспеси на бојното поле и да ја доведе нацијата на колена“, рече ајатолах Моџтаба Хамнеи, врховен лидер на Иран.
Американската војска го обвини Иран за кршење на кревкото примирје откако Кувајт објави дека е нападнат, по американскиот напад врз Исламската Република. Централната команда на САД соопшти дека Кувајт пресретнал ракети, а воените претставници го нарекоа нападот врз еден од најголемите сојузници на Америка во Персискиот Залив, скандалозно кршење на примирјето.
