Образование

Идната сабота почнува полагањето на државната матура

29.05.2026 10:16

Повеќе од 14.500 матуранти идната сабота ќе го полагаат првиот екстерен испит од државната матура, државната стручна матура и државната уметничка матура. Од Државниот испитен центар информираат дека подготовките се одвиваат според предвидената динамика, а за спроведување на испитите ќе бидат ангажирани околу 2.500 тестатори и 200 набљудувачи.

Полагањето на екстерните испити од матурата за учебната 2025/2026 година почнува на 6 јуни, а пријавени се вкупно 14.587 ученици.

Според податоците на Државниот испитен центар, 12.184 ученици ќе полагаат државна матура, 2.276 државна стручна матура, а 127 државна уметничка матура.

Првиот екстерен предмет ќе се полага на 6 јуни од 9 часот, кога матурантите ќе полагаат странски јазик, математика или историја, во зависност од видот на матурата.

Најголем дел од кандидатите, односно 13.208 ученици, се пријавени за тестот по англиски јазик.

Од Државниот испитен центар велат дека подготовките се одвиваат според утврдена динамика и апелираат учениците да ги почитуваат правилата за полагање, при што е забрането користење мобилни телефони и други електронски уреди за време на испитите.