Децата во училиштата се опкружени со нездрава храна
Нездравата храна и засладените пијалаци се широко достапни во и околу училиштата, додека здравите опции се ограничени, покажува првата национална проценка на нутритивните средини во училиштата во земјава, спроведена со поддршка на УНИЦЕФ. Во истражувањето биле опфатени 40 основни и средни училишта и околу 1.700 ученици.

Првата национална проценка на нутритивните средини во училиштата во Северна Македонија покажува дека децата најчесто имаат лесен пристап до нездрава храна и пијалаци, додека здравите опции се ограничени.
Истражувањето, спроведено во соработка со Министерството за образование и наука, Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје, со поддршка на УНИЦЕФ, опфатило 40 основни и средни училишта и околу 1.700 ученици.
Според наодите, во училиштата каде што се продава храна, понудата најчесто била нездрава, а во близина на училиштата широко се достапни засладени пијалаци и ултрапреработени производи богати со шеќер, сол и масти.
Истражувањето покажува и дека повеќе од 80 проценти од учениците поддржуваат воведување поздрави и хранливи оброци во училиштата.
Од УНИЦЕФ предупредуваат дека е потребен посилен институционален одговор и построги мерки за ограничување на нездравата храна и нејзиното рекламирање во и околу училиштата.
Во рамки на активностите е започната и кампањата „#ШтоИмаЗаЈадење“, чија цел е да поттикне јавна дебата за поздрава училишна исхрана и подобра нутритивна средина за децата.
