Доверба и партнерство за проширувањето на ЕУ
Земјите-кандидатки мора да имаат развиени институции кои можат да спроведат владеење на правото и борба со корупцијата. Идентитетските прашања и националистичката реторика не се добри за регионот. Порака на известителот за Македонија, Томас Вајц од конференција за ЕУ-проширувањето, во Виена. Македонската влада не се откажува од барањето гаранции. Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта идната недела во посета на регионот. Во Скопје доаѓа во вторник.

Главна политичка борба за членството во Европската унија е да се надминат политиката на идентитет и билатералните спорови. Земјите-кандидатки мора да имаат развиени институции кои можат да спроведат владеење на правото и борба со корупцијата, бидејќи не е важно само да сакате да бидете членка, вели известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц. Посочи дека граѓанското општество е клучен играч за интегрирањето, а дека поглавјата 23 и 24 се суштински во преговорите. Известителот за Македонија категоричен-идентитетските прашања и националистичката реторика не се добри за регионот.
На конференцијата „Доверба и партнерство, срцето на проширувањето на ЕУ“, беше посочено дека ниту една европска држава не е совршена. Фокусот мора да се насочи, дали земјите-кандидатки се движат во вистинската насока и дали има напредок, бидејќи, како што рече советникот во Директоратот за проширување во Европската комисија, Војчех Ковалски, тоа е трансформативен процес.
Побрз пат до полноправно членство, фазно придвижување на земјите од Западен Балкан што поблизу до Унијата или нивно мотивирање да бидат покомпатибилни. Како ќе се движи процесот на проширувањето најверојатно ќе биде појасно на Самитот ЕУ-Западен Балкан што ќе се одржи на 5-ти јуни во Тиват, Црна гора.
Пред Самитот, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, ќе ги посети земјите од Западен Балкан. Пред неговата втора посета на регионот испрати порака дека посветеноста на ЕУ кон регионот е реална, исто толку реална колку и можноста за проширување. Моментумот е тука. Сега е време за реализација, изјави Кошта.
Милчо Велески
