Прилеп и Македонија за прв пат домаќини на Источноевропско првенство во мото-крос

21.09.2014 19:00

Адреналинот, докажувањето, ризиците. Секогаш на едно место ги собираат и учесниците и оние што сакаат да го видат тоа. Прилеп и Македонија за прв пат домаќини на мотокрос трка од Источноевропско првенство. Победниците ќе стигнат на Евриопското првенство во Шпанија, а земјава на мапата на врвните меѓународни натпреварувања...

Адреналин, возбуда. Нив ги нарекуваат јавачи на две тркала. Најуспешниот македонски мото-крос тркач, Кристијан Илиовски од седум години е со својата машина, на Македонија и донесол преку 250 пехари од меѓународни трки, двапати победувал на источноевропското првенство. Среќен е што се одржува кај нас.

„Патеката е доста добра. На добро место е. Може да се направи уште многу подобра, но за почеток е многу добра“, вели Христијан Илиовски, најдобриот македонски мото-крос тркач.

Прилеп и Македонија за прв пат се домаќини на источноевропското првенство во мото-крос. Патеката кај прилепско Лагово, промовирана лани, ги исполнува меѓународните стандарди.

„Успеавме да добиеме Источно-европско првенство. Се надеваме дека денес ќе имаме добра трка, добра забава, добро дружење, за в година да можеме да организираме европско и повисоки првенства“, вели Ѓорѓи Манчески, мото крос  клуб „Скај Рајдер“.

На патеката натпреварувачи од 9 земји од регионот. Од седум до преку 40 години.

„Возам за хоби, од задоволство. И синот е тркач. Адреналинот е пресуден“, вели Тони Цветков од Бугарија.

Државата ги поддржува натпреварите од висок европски ранг. Тие се нејзината промоција.

„И владата преку Агенцијата за млади и спорт поддржува вакви  првенства. За прв пат учествувам на  една ваква манифестација и се надевам дека ќе има одлично дружење“, вели Миле Јанакиески, министер за транспорт и врски.

Прилеп е со големи очекувања.

„Ова ќе прерасне во првиот мотопарк во Македонија каде ќе бидат доградени и други патеки. Покрај мото-крос патеката, во иднина ќе се гради и маунтин бајк патека ќе се гради картинг патека, исто така и патека за џипови“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

Стотината врвни мотоциклисти и ја понудија возбудата на публиката овде на мото-крос патеката кај Лагово.Ова е деветтата трка во источно-европското првенство. Десеттата е во Молдавија. Победниците ќе се подготват за европското првенство во Шпанија.

Елизабета Митреска