Крајбрежните охридски села без амбуланта
На прагот на летната сезона, жителите и туристите на крајбрежните села долж Охридското Езеро се соочуваат со недостиг од здравствена заштита. Амбулантата во Пештани не работи, нема концесионер, за лекарска помош во населените места на потегот кон свети наум се патува до Охрид.

Недостигот од здравствена заштита во руралните средини е еден од поголемите предизвици. Ситуацијата дополнително се усложнува во текот на туристичката сезона, кога бројот на жители и посетители долж брегот на Охридското Езеро повеќекратно се зголемува.
И покрај потребата од побрз и полесен пристап до лекарска помош, за најосновни здравствени услуги населението е принудено да патува до охридските болници.
„Пристап до редовни здравствени прегледи и здравствени услуги имаат само жителите на неколку села во општина Дебарца, каде што сè уште функционираат руралните амбуланти. Тие се под концесија на приватна здравствена установа, вклучувајќи ја и амбулантата во село Белчишта, која е сопственост на Здравствен дом – Охрид. Останатите жители на околните села, за жал, своите здравствени услуги ги бараат во самиот град.“, изјави Михаил Кичов раководител на итна медицинска помош Охрид.
Амбулантата во Пештани, е затворена бидејќи нема концесионер. Жителите и гостите на најпосетените туристички места на потегот кон Св. Наум немаат примарна здравствена заштита.
„Конкретно, во блиска иднина се надеваме дека ќе успееме да најдеме концесионер за амбулантата во село Пештани. Започната е процедура, се бара концесионер и се надеваме дека ќе успееме да ја ставиме во функција. Со тоа би се олеснило населението од тој регион, односно на потегот од Охрид до Свети Наум – селата Конско, Трпејца, Љубаништа, Пештани и Лагадин би имале амбуланта поблиску до нив“, додава Кичов.
Здравствените власти најавуваат решение и повторно ставање во функција на амбулантата, но до тогаш граѓаните и туристите ќе продолжат да зависат од здравствените установи во градот.
Соња Рилковска
