Свет

Хегсет: Заврши времето кога САД ја плаќаа туѓата одбрана

30.05.2026 13:11

Европа и НАТО треба да донесат големи одлуки, заврши времето кога САД ја плаќаа туѓата одбрана, став на министерот за одбрана Хегсет. На европско тло војната продолжува со несмалено темпо. Зеленски предупреди дека Русија подготвува нова ескалација. Путин рече дека ситуацијата на фронтот укажува дека конфликтот наскоро би можел да заврши. Шефот на Кремљ одново и се закани на Ерменија со украинско сценарио поради нејзиниот стремеж кон ЕУ.

Американската војска не и го врти грбот на Азија додека ги исполнува глобалните обврски, дециден е секретарот за одбрана на САД и потенцираше дека сака да избегне конфронтација со Пекинг и покрај военото засилување на Кина во регионот. Првиот човек на Пентагон, на 23-от годишен дијалог Шангри-Ла во Сингапур побара азиските сојузници да инвестираат повеќе во одбраната и рече дека Вашингтон повеќе нема да го носи товарот на богатите сојузници. Според Хегсет, Европа и НАТО треба да донесат големи одлуки, на САД им се потребни партнери, а не протекторати.

„Предолго време, учтивите молби до нашите европски сојузници да трошат повеќе за сопствената одбрана не наидоа на слух. Тие конечно се обидуваат да стигнат. Ние си дозволиме да бидеме расеани од празната глобалистичка реторика за меѓународниот поредок базиран на правила додека европските престолнини ги отворија своите граници и ги испразнија своите војски. Можете да ги имате сите правила што ги сакате и правилата се одлични, но ако не можете да ги поткрепите со сила, правилата не вредат ниту колку хартијата на која се напишани. Европа и НАТО треба да донесат некои големи одлуки и тоа многу брзо“, изјави Пит Хегсет, секретар за одбрана САД.

И додека Европа работи на планот за сопствената безбедност, војната во Украина продолжува со несмалено темпо. Зеленски објави дека Русија подготвува нов напад од големи размери. Москва претходно предупреди, странските дипломати и граѓани да го напуштат Киев.

„Имаме информации од разузнавачки извори дека Русија подготвува нов напад од големи размери. Нашите служби за итни случаи се подготвени, Воздухопловните сили и другите бранители на нашето небо ќе бидат на должност 24/7, како и секогаш. Прашањето за воздушната одбрана и потребата да ѝ се помогне на Украина да го заштити своето небо е наш врвен приоритет“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

Според Путин, руската војска е во офанзива, а ситуацијата на фронтовската линија укажува дека конфликтот наскоро би можел да заврши. Шефот на Кремљ повторно и се закани на Ерменија со украинско сценарио поради нејзиниот стремеж кон ЕУ, а исто така вети дека ќе ја срамни со земја секоја држава што ќе се осмели да го нападне Калининград.

„Што се однесува до мојата изјава дека, според мене, конфликтот се ближи кон крајот, не ја дадов оваа изјава без добра причина, туку врз основа на анализа на ситуацијата на бојното поле и таму, нашите трупи напредуваат во сите правци, како што можете да видите, секој ден“, изјави рускиот претседател, Владимир Путин.

Од Кремљ велат дека се подготвени да спроведат истрага за дронот што повреди две лица во Романија, за што НАТО и ЕУ обвинија дека се работи за руско летало. Инцидентот е еден во низата беспилотни летала – и од Русија и од Украина – кои погодија членка на НАТО откако почнаа борбите во 2022 година.

Маријана Димовска