Влада

Мицкоски: Законот за заштита од пушење е подготвен по консултации со сите засегнати страни

30.05.2026 14:40

Во Владата премиерот Христијан Мицкоски, министерот за здравство Азир Алиу заедно со еснафските здруженија на состанок за Предлог-законот за заштита од употреба на производи од тутун…

Строги контроли и санкции за непочитување на Предлог-законот за заштита од пушење, најавија од Владата. Новото законско решение е резултат на широк консултативен процес со сите засегнати страни и не е подготвен ниту набрзина, ниту со наметнување решенија, изјави премиерот Христијан Мицкоски. Основната цел, вели, е пад на бројот на пушачи и подобрување на јавното здравје.

Законот не забранува продажба, туку ја регулира употребата на тутунските производи, рече министерот за здравство. Тој посочи дека тутунот е поврзан со над 3.600 смртни случаи годишно, што претставува околу 13% од вкупната смртност.

Новиот закон за пушење влегува во процедура. Со него се предлага угостителските објекти да имаат тераси со две отворени страни и отворен покрив, како и посебен влез за непушачите.

Економските последици од употребата на тутун се проценуваат на над 600 милиони евра годишно, односно околу 5,16% од бруто-домашниот производ.

Законот првично беше најавен за 1-ви март, но беше одложен поради реакции од угостителите и тутунската индустрија. Тие очекуваат да се обезбеди баланс меѓу сите чинители.

Новото законско решение предвидува поголема заштита од изложеност на чад во затворени простории, како и регулирање на употребата на електронски цигари и други нови никотински производи. Дополнително, се воведуваат мерки за заштита на децата, вклучително и забрана за пушење во возила во присуство на малолетници и во близина на образовни и здравствени установи.

Предлог-законот оди на владина седница, па доставен во Собрание.

Борис Грујоски