празник

Православните верници го слават Духовден – денот на слегувањето на Светиот Дух

31.05.2026 09:36

Празник на Светиот дух и на основањето на Христијанската црква…

Духовден се празнува три дена, а првиот ден од празникот секогаш е во недела. Овој е единствен од дванаесетте големи празници што нема претпразненство. Тоа се надоместува со фактот што во текот на целиот период од Велигден до Духовден се чувствува празничното расположение. На овој празник редовно му претходи Задушница што се празнува во саботата пред Духовден, кога се изведуваат повеќе обичаи што им се наменети на покојните предци.

Овој празник се слави на 50-тиот ден по Велигден и десеттиот ден по Спасовден. Тој празник бил наречен Света Троица, бидејќи, според Евангелијата, покрај Светиот Отец и Синот, на овој ден физички се појавило и третото лице на Светата Троица – Светиот Дух.

Со слегувањето на Светиот Дух врз апостолите, завршено е основањето на Христовата Црква, и затоа овој празник претставува и „роденден“ на христијанската црква.

Според важноста, во православниот свет, тоа е трет празник, по Велигден и Божиќ, и се одбележува со свечени богослужби во храмовите, каде што верниците се молат за духовен мир, благослов и сила. Првиот ден од Педесетница или Духовден е посветен на евангелскиот настан, слегувањето на Светиот Дух врз апостолите, Христовите ученици.